Еден режисер на живот решил да донесе на театарска сцена една маска и едно лице. Притоа, да одиграат заедно дел од претставата во кој се открива клучна тајна на постоењето од раѓање до смрт. Режисерот им објаснил дека тие му се потребни како епизодни и статични, но никако да се прикажат како меѓусебно зависни. Од нив очекува да исчезнат од сцената во еден миг, кога на неа ќе излезат сенки од мажи, жени и деца за да почнат танц на спокојот.
Пред да им дојде редот да излезат на сцената, маската и лицето случајно или намерно се нашле во шминкерницата. Се загледале во големо огледало, се препознале меѓусебно, значи не им е првпат да бидат заедно, се насмеале па се замислиле. Особено ги зарадувало тоа што немале ништо заедничко, никаква заедничка црта или брчка. Освен што маската немала очи, а лицето имало. Тоа значи дека маската може да им ги понуди на очите на лицето своите очни длапки, а лицето, пак, да ѝ помогне на маската да гледа барем некое време со негови очи.
Посакала маската најпрвин да надмине една своја дилема во врска со врската меѓу неа и лицето. Го прашала:
-Зошто сме ние заедно како едно пред големово огледало, кога на сцената треба да бидеме свои, јас маска а ти лице?
Лицето како да имало однапред подготвен одговор:
-Јас само знам дека ќе личам на себеси, без оглед што мисли и што наумил режисерот. Ти, пак, со твојата појава треба да ја убедиш публиката дека немаш ништо со мене, што значи дека си непореклива како маска.
Маската не била задоволна од одговорот, па го допрашала лицето:
-А што мислиш за откривањето на клучната тајна на постоењето од раѓање до смрт? Има некоја врска со нас?
Лицето одговорило со замислен, напати загрижувачки глас:
-Не знам што да мислам…Тој не ни ја кажа, а како ќе го одиграме нејзиното откривање?! Само од него знаеме за неа…од раѓање до смрт!…Сè мислам дека јас треба да бидам живот, а ти смрт. Затоа и не сме случајно во шмкинкерницава, заедно пред големово огледало.
Маската се согласила:
-Добро, тогаш ајде да му излеземе на режисерот такви. Па ако не му се допадне, ако не му биде прифатливо…
Лицето ѝ влегува во збор со по малку нервозен глас:
-Негов проблем!
По некое време во молк, лицето посакало најпрвин да надмине своја дилема во врска со врската меѓу него и маската. Ја прашала:
-Ти имаш одговор зошто немавме ниедна проба, па режисерот со забелешки и совети да ни помогне убедливо да ги одиграме нашите улоги, независно од клучната тајна?
Маската одговорила цртајќи на своето чело неколку длабоки и крвави брчки:
-Мислам дека не станува збор за никаква претстава! А клучната тајна на постоењето од раѓање до смрт сме ние во огледалово и сенките од мажи, жени и деца. Тие без нас во танц на спокојот.
Маската и лицето молчешкум излегле од шминкерницата и застанале зад кулисите со насликани ѕидови и небо со сјајни ѕвезди. Во очекување режисерот да им даде знак да излезат на сцената.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 52