Една лута змија му го попречила патот на намерник, без намера да се истави. А припекло сонце, чиниш камен ќе се распукне. Намерникот бил истоштен од долго одење по нему непознат пат и воопшто не му беше дошло до расправија со каква било, особено не со лута змија.
Ѝ се обрнал со смирувачки глас:
-Истај ми се од патов, лута змијо. Фати си свој. Што ти текнало да ми го попречиш кога не ми е познат, значи не е мој? Имаш нешто против мене?
Лутата змија се подисправила, го загледала обвиткувајќи се околу него, па му одговорила луто:
-Си одговори сам прашувајќи се, намернику. Ти го попречив патот зашто не ти е познат, значи не е твој, и баш поради тоа имам нешто против тебе. Или послушај ме и прифати што ќе ти предложам, или ќе те стегнам, ќе те укасам и ќе те отрујам.
Намерникот прифатил, а лутата змија му рекла:
-Те следам долго без да ме забележиш, надевајќи се скоро да осознаеш дека секој, особено намерник како тебе не што не треба, ами и не смее да оди по непознат пат, што значи по туѓ. Таков нема да те одведе никаде, односно во беспаќе. Мина времето кога луѓе одеа по непознати патишта, значи по туѓи, не ни обидувајќи се да пронајдат свои. Кога туѓи патишта првин се означуваа како заеднички, а потем им се препуштаа на нивните сопственици, обично едновремено богати и јаки. Белки не треба да ти објаснувам зошто заедничките патишта, впрочем како што било заедничко, се и бесцелни.
Намерникот ѝ го пресекол зборувањето зачуден:
-Сакаш да кажеш дека заедништвото во поим не е тоа, а им служи на богатите и јаките за да им се натурат на сите што се надеваат дека токму во него е нивната целност? Пуста надеж?
Лутата змија помолчела некое време не помрднувајќи се, па му одговорила:
-Да, сакам да ти го кажам токму тоа, но и друго. Имено, веќе е почнато времето не на заедништво отстапувајќи од своето, туку на наспоредна еднаквост. Сите на светов се различни и е врвна будалаштина да се бара единство на различности. Осознаено е дека токму различностите ги користат, поточно ги злоупотребуваат богатите и јаките за да владеат со сиромавите и слабите. Заедничка е единствено слободата, а нејзе не ѝ треба никакво единство. Единствено слободата овозможува секој да оди по свој пат до своја цел, а не по туѓ и бесцелен.
Намерникот како да ја разбра лутата змија, па ја потсети:
-А што ќе ми предложиш зда прифатам за ти да не ме стегнеш, не ме укасаш и не ме отруеш?
Лутата змија се испружила колку што е долга и на заминување му дофрлила прекорно:
-Јас со стегање, укасување и со отров напаѓам само кога ќе ме исплашат или недајбоже да ми го загрозат животецот. Всушност, тогаш ја бранам својата слобода затоа што си имам фатено свој пат до своја цел. Угледај се на мене, фати си свој пат, имај своја цел и прифати да бидеш лут како змија секогаш кога некој ќе тргне по него. За да ти го преземе како заеднички, притоа одземајќи ти ја слободата и недајбоже загрозувајќи ти го животецот. Дури би додала: верувај само во себе, дека можеш сам. А кога е неопходно сопатништвото, тоа нека биде меѓу богати и јаки со тебе како богат и јак.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 54