Пред гора

Потребно време за читање: < 1 минута

Се искачил човек на планина
до пред гора извишена
во тишина
па стои којзнае колку време
може денови ноќи години
може векови
никако да се одлучи дали
да навлезе во неа длабоко
или да слезе во подножјето
и одново да ја искачува
високата планина.

Гората извишена во тишина
му вели да навлезе во неа
таа ќе го поведе по врвица
ќе го доведе до чистина на која
од греди стени и корени
ќе направи куќарка
во која
ќе ги пречекува изгревите
ќе ги испраќа залезите
на сонцето
ќе прави живи и сјајни ѕвезди.

Никако да се одлучи
зашто гората е стара густа
и непробојна.   

КАМЕНО НЕБО, апстрактна поезија/игриви песни, 73