Без рамка

Потребно време за читање: < 1 минута

За секој што гледа и следи
што се случува на сцената
на светот
кој го создал човек
кој останал сам во него
откако преживеал
лична животна драма
неразбирливо е зошто
нема рамка
па излегува на виделина
и одамна откриено
и штотуку сокриено.

А станува збор за свет
на сцена
што го создал човек
останат сам во него.

Не држи објаснувањето
дека нема рамка зашто
во рамка не би можело
да остане ништо живо
што било создадено
од човек кој го создавал
туку само свет
или само човек
како што е вообичаено
кога е нешто безврменско
на пример насликано
за сите времиња.

Прифатливо е тоа
да се образложува
како нужност
од творечка слобода
што впрочем би значело
дека може сè во еден миг
да се создаде да се роди
и да се урне да исчезне.

Со други зборови
она што почнува без рамка
треба да продолжи
и да завеши без неа.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 35