Нема ништо пред него, а зад него асфалтниот пат продолжува како да го нема. Не се ни најавува со некаков знак или какво-годе предупредување. Ако човек согледа колку е патот прав пред него и по него, сигурно ќе се праша зошто е тој. На пример, зарем не можело да се одбегне заобиколувањето на ридот со свијок, патот да се искачува право до неговиот врв и потоа право да слегува низ него? Или да се пробие со тунел?
Свијокот не се најавува со некаков знак или какво-годе предупредување, па поради тоа за минување е поопасен одошто е. Поготово со неприлагодена брзина. Бидејќи е непознато дали е тој голем или мал, благ или остар. Оние што катадневно возат по него, го знаат добро и лесно го минуваат, кажуваат дека во блиското и далечното минато имало многу сообраќајни незгоди. Неколку со трагични последици.
Свијокот како црна точка? Да, и тоа незабележана. Имено, треба да се нагласи дека на страната на ридот има широка рамнина, но и надвисната голема карпа над патот. Чиниш само што не се струполила. Страната на неговото подножје, пак, е стрмна и завршува во провалија.
Кога првпат го извозив асфалтниот пат, внимателно и со прилагодена брзина, случајно ја открив причината за нужноста од свијокот со кој се заобиколува ридот.
Колку што се разбирам од трасирање патишта со оглед на геофизичките и климатските каракатеристики на теренот, а мислам дека се разбирам доволно иако не сум градежен инженер односно инженер за патишта, свијокот е неизбежен затоа што ридот е мек и постојано се лизга. Значи, тој не е стабилен. Со други зборови, во процес е на исчезнување.
Никако не можам да доумам зошто оние што го правеле патот не ја искршиле надвиснатата карпа. Можно ли е да надвиснала откако го направиле, во меѓувреме?
Во меѓувреме негде прочитав дека инженерски геолози ја утврдиле староста на ридот. Тој е не само многу стар, туку и старее забрзано откога е гол.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 95