Грижа и свест

Јанѕи од јава во јазол

Не оти не спие ноќе
Или не е буден дење
Додека гледа како
Од пред некое време
Се збираат војски
Да се бијат
Одблизу оддалеку
На ветромет
Со зломисли празни
Недоречени
За сега овде и негде
До рани смрти
Меѓупросторни.

И не оти се затвора  
Сè подлабоко во себе
Или не излегува сам
Пред долги мрачнини
За да продира во нив
Како блескоти меѓу
Слепи и голи облаци.

Само што нему сега
Поточно отсега
Му е совршено јасно
Свесен е дека човек
Не може без човек
Во ненадејности
Кои му го запираат
Здивот
До заборавање дека
Знае да дише мирно
Во чекор самосвесен
Кон негде сеедно
Одблизу оддалеку
Изгревен или залезен.

Само што сега корени
Длабоко во земја се
Оставени макотрпно
Да се вкоренуваат
Подлабоко пошироко
Во нови светогледи.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 32

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.