Мене и на Симон Филипоски ни е интересна секоја средба, пред сè затоа што секогаш наоѓаме тема не за долг, но секако за суштествен разговор. Признавам дека притоа предничи тој, а неретко наметнува нешто однапред смислено. Се разбира, тоа значи дека води главен збор. Што, признавам, не ми пречи. Напротив, многу порадо го слушам, дури го поттикнувам, го предизвикувам да промислува со прашања и потпрашања. Тоа во не мала мера е една од одликите на мојот карактер.
Приведувам многу интересна и поттикнувачка тема за промислување која мојот пријател ја наметна на кафе средбата вчеравечер: главните карактеристики на нашиот сограѓанин, пред сè како нивно покажување и изразување во секојдневјето. Го предупредив дека, иако не сум ни психолог ни социолог, таа проблематика ми е мошне добро позната. Најпрвин основното, имено дека психологијата на личноста главниот акцент на научните проучувања одамна го има ставено на човечките индивидуални разлики, поточно на димензиите на личноста. Ми одговори дека тоа му е добро познато, и нему му е познат моделот Bif Five, но тој тргнува од за него најсуштинското за промислување: дали е можно некои од тие разлики да се вклопат во своевиден профил на нашиот сограѓанин. Го потпрашав дали мисли баш на типовите од тој модел-отвореноста, совесноста, особено чувството на одговорност и организираноста, екстраверзијата и спротивставената интроверзија, угодливоста, невротицизмот и нему спротивставената емоционална стабилност,а тој одговори со посочување на нужноста од познавање на карактерите за полесно разбирање меѓу луѓето. Да, се согласува дека некои од оние што ги издвојува се и менталитетски белези.
Го наведов да издели три главни позитивни, според него доминантни. Тој исказот го почна со трпението:
Тоа е прво и најизразено во нашево денес, оптоварено со бројни егзистенцијални лични и колективни проблеми. Има две народни изреки кои го докажуваат токму тоа: „Трпение-спасение“ и „Трпеж-крпеж“. Во трпението е спасението од една, но од друга страна трпежот донесува само крпеж.
Според Симон Филипоски, главно прашање во врска со трпението, на кое е мошне тешко да се одговори, секако е: дали е тоа позитивна или негативна карактеристика? Можеби е и позитивна и негативна? Неговото мислење е дека зависи од конкретната состојба и од ситуациите во кои се наоѓа човекот, со кои се соочува секојдневно. Притоа, трпението е попозитивно како спасение одошто како кога животот е крпеж.
На пример, човек има надеж дека утре ќе биде подобро, може многу подобро од вчера и денес, па со трпение се соочува со некој горлив проблем. Се обидува ако не да го надмине, тогаш барем да не дозволи сосема да зависи од него. Конкретно: тој е сам, без ничија помош и поддршка живее од денес до утре, а се надева дека ќе пронајде другар, пријател, можеби и сродна душа за свој животен сопатник.
На колективен план, трпението како спасение е најочигледно кога се има предвид севкупната економска, општествена, политичка и секаква друга состојба во државата и општеството. За чие надминување допрва ќе бидат потребни многу радикални промени, со многу жртви, саможртви и истрајност.
Според него, истрајноста е втората главна карактеристика на нашиот сограѓанин, директно и индиректно поврзана со трпението. За истрајноста односно упорноста или настојчивоста може да се зборува многу, но најпрвин треба да се истакне дека кога нашиот сограѓанин решава нешто, да оствари нешто лично или заедничко со други, да стаса навреме на однапред поставена цел, не можат да го поколеба ниеден проблем и ниедна пречка. Не се откажува ни кога ќе се најде во некоја неизвесна ситуација, ни кога надоаѓаат сомнежи, а ни кога е нужна жртва и саможртва. Тоа некогаш се граничи со тврдоглавост.
Истрајноста е блиска, а може и да се изедначи со доследноста. Човекот е доследен на даден збор, има непроменлив став, не отстапува од примена на она што смета дека е неминовно. Таа може да се третира како посебна карактеристика, особено кога станува збор за животната определба и посветеноста во нејзини рамки. Наспроти можностите за лична реализација, кариера, постојаното збогатување на знаењата и усовршување на вештините. Посебно доаѓа до израз кога од човекот-нашиот сограѓанин се бара да се прилагоди, макар привремено, а што не значи некакво помало или поголемо отстапување. На пример, при давање услуга и барање противуслуга тој се прилагодуваат на услугата, но одлучно одбива противуслуга; или помош, но без ни помисла на возврат.
Го потпрашав што е со толеранцијата и компромисот. Кусо одговори дека тие се исто така директно или индиректно поврзани со истрајноста, па продолжи:
И како трета доминантна позитивна каракеристика на нашиот сограѓанин, Симон Филипоски го истакна почитувањето на традиционалните вредности. Пред сите други семејните, сожителството, љубовта кон татковината односно патриотизмот, историјата и трајните културни вредности создавани низ вековите. Нагласувајќи дека е свесен оти тоа бара повеќе време и продлабочено размислување, посебно третирање, својот исказ го заврши со заклучок:
Тоа почитување е наследно, се одржува, се негува и се брани со генерации. Затоа што е постојано присутна свесноста дека е суштина на личниот и националниот идентитет.
Се договоривме на некоја од нашите наредни средби да расправаме за идентитетот од што е можно повеќе гледни точки.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 46