161. Нај
Нема одговор
што му би нај во нешто
кога би ништо.
162. Дими
Пред оган дими
уста празна, камена
на мраморен сон.
163. Насликано сонце
Насликал сонце
во сон на убавица
сликар во самост.
164. Нежен допир
Допре природа
далеку, догледлива,
во рамнотежа.
165. Горјанин
Сретнав горјанин
кој лесно искачува
гола планина.
166. Средноќ
Слушна како дојде
средноќ во тишина;
дали беше буден?
167. Оличени
Луѓе оличени,
дамна молчаливи
пред секакви смрти.
168. Знам
Се разбира дека
знам колку не можам
да бидам што не сум.
169. Јадровит
Секогаш јадровит
кога докажува
што треба да биде.
170. Прибрано
Те гледам, те слушам,
те следам откога
надмина премреже.
СТРОГОСТИ НА ФОРМИ, песни со зададени зборови