Никој не ни знае, не ни памети од кога тече големава, широкава, длабокава, брзава и матнава река од исток кон запад, делејќи ја неплоднава земја на два еднакви дела кои на три страни се граничат со бескрајни мориња. А како би знаел или би паметел кога секој предок и потомок е дојден на нејзините брегови од којзнае каде?
Добро, во право си дека воопшто не е важно тоа што никој не ни знае, не ни памети. Но, и јас сум во право кога ти укажувам, поточно ти истакнувам дека рекава е голема, широка, длабока, брза и матна од исток кон запад, како и тоа што дели неплодна земја на два еднакви дела. Не ни претпоставуваш зошто? Не претпоставувај, ќе ти кажам.
Рекава тече од исток кон запад затоа што кога би течела од север кон југ или од југ кон север сигурно не би била голема, широка, длабока, брза и матна. Згора, јас сум убеден во нејзината немоќ да тече како мала, тесна, плитка, бавна и бистра од север кон југ или од југ кон север, па како таква да ја дели неплодната земја. Згора на сè, кога не би била немоќна, можеби со време земјата на нејзините брегови би станала плодна.
Ме прашуваш дали знам зошто досега никој не стасал на изворот на големава, широкава, длабокава, брзава и матнава река од исток кон запад? Престани да ме прашуваш. Сум пробувал многупати, не престанувам да пробувам, но сè повеќе ми се чини дека нема да стасам додека сум жив. Не верувам во она што сум го наслушал од предци и потомци: всушност, реката нема извор бидејќи е река понорница, па почнува од под една карпа горе, меѓу оние две планини, откако незнајно каде понира во земјата, па исто така незнајно каде избива на површината.
Најпосле, за рекава сакам да ти кажам нешто во доверба:
Во последно време предците и потомците на двата брега на реката ги загрижува нејзините чести преплавувања, и тоа во сите годишни доба. Да ѝ направат насипи? Тоа е невозможно со оглед на големината, широчината, длабочината, брзината и матноста. А за нив е предоцна да ѝ направат ново корито.
Некои потомци предлагаат нешто што би можело да биде трајно решение, иако се чини незамисливо: од незнајното место каде што избива на површината, па сè до нејзина утока во бистра река, ни голема ни мала, ни широка ни тесна, ни длабока ни плитка, ни брза ни бавна, која тече низ плодна земја.
Решението се чини незамисливо затоа што тоа би значело напуштање на неплоднава земја, преселба на предците и потомците во предели со можеби непријателски расположено домородно население.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 90