И едност и единство, но најпрвин единственост во единство. Едноста значи неповторливост, единството значи сплотеност на различни интереси и цели. Единственоста е исто што и неповторливост, но неповторливоста во единство е всушност споделување на вредности како одбрана од минливоста и маргиналноста.
Единство не на различности, туку на единствености. Зашто различноста во однос на друго е суштина на единственоста. Зашто таа значи препознавање, идентитет во меѓучовечките односи. Еднакво во постоењето на народ и опстанок на нација создадена договорно или со силата на интересот.
Луѓето никако да научат дека можат еден без друг, можат сами, но опстануваат и се изборуваат за живот единствено во единство.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 188