Паралелни светови

Потребно време за читање: 2 минути

Никој не веруваше во тврдењето дека помеѓу стварниот и заумниот свет постојат два паралелни света кои не му припаѓаат трајно ни на едниот ни на другиот: свет на паметење и свет на заборав. Повремено може да им припаѓаат на обата, никако само на едниот или само на другиот. Одговараше без да се праша дека станува збор повеќе за искуство, поконкретно за преживување и одживување, а помалку за осознаеност по нивно долготрајно и темелно проучување.

Секој што прифаќаше расправа на таа тема, најпрвин помислуваше и бараше објаснение да не станува всушност збор за почетна или забрзана форма на деменција, особено кога е збор за светот на заборавот. На што следеше кус, неретко подналутен одговор дека веќе доволно, па и многу се знае за неа како синдром односно збир на знаци и симптоми на оштетени делови од осознавањето-меморијатавниманиетојазикот и решавањето проблеми. Пред сè дезориентираноста во времето, во местото и во личноста. Напротив, паралелните два света-светот на паметењето и светот иа заборавот се однесуваат еднакво на живиот и мртвиот свет, еднакво и на стварниот и заумниот. Значи, не е во прашање болест, некаков процес, на пример поврзан во голема мера со стареењето, туку за нивна самостојна егзистенција и меѓусебна обусловеност.

За стварниот и заумниот свет нема потреба да се трошат зборови. Освен, можеби, дека во заумниот почесто и подолго престојуваат творечките луѓе и гениите. Има допирни точки и со фантастичноста.

Сосем накусо за светот на паметењето: тој е безграничен, постојано се обновува, се богати со нови откритија, докази, заклучоци, а постои знак на равенство меѓу минатото, сегашноста и континуитетот на постоењето.

Во светот на заборавот се влегува, а од него се излегува многу ретко. Тоа значи со голем напор. Пред сè затоа што тој никако не може да се изедначи со исчезнувањето, бидејќи не зависи од него. Исто како што од него не зависи ни светот на паметењето. Исчезнувањето е многу повеќе поврзано со стварниот и заумниот свет.

Ако некој прашаше кој влегува во светот на заборавот и дали е тој најпостојан со оглед на многу реткото и напорно излегување од него, одговараше дека доброволно не влегува никој, туку во најголем број се оставаат, се напуштаат, се пренесуваат, неретко сами се преселуваат од стварниот или заумниот свет најпрвин оние што немаат никкаков препознатлив идентитетски знак или докажана индивидуалност. Кои, пак, како што е општо познато, се во темелот на вредносниот развој на човечката цивилизација. Воопшто, оние што не го прифаќаат и не му се препуштаат на времето во кое не е нивно, ниту можат да му се прилагодат .

Од неодамна е во светот на заборавот. Се пресели откако долго, па и предолго престојуваше меѓу стварниот и заумниот свет, многу подолго во заумниот, и откако заклучи рамнодушно дека ништо не создал за да има свое заслужено место во светот на паметењето.    

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 41