Нема кој не грешел во изминатиот и кој не греши во тековниот живот. Некој повеќе пати, некој многупати. А од сите нив секој издвојува една како лична животна, која може да се нарече пресвртна. Која значи прекин на нешто што било или се открило и созревало, но може да претставува едновремено крај и нов почеток. Зошто грешка? Затоа што смета дека продолжението би донело многу поголем успех од постигнатиот, а крајот е грешка токму поради новиот почеток кој бил, е и може ќе остане неизвесен.
Многумина не се ни свесни за својата лична животна грешка. Многумина, пак, сметаат дека е таа непоправлива. Поради неа не се обвинуваат толку себеси, колку што ги обвинуваат состојбите, околностите, можеби сè собрано и отфрлено во еден миг кој сосема го пренасочил течението на животната река. Неретко придонел за нејзино забрзано пресушување.
Многумина не се сигурни дали нивната животна грешка е воопшто грешка. Напротив, можеби ја издвојуваат баш поради нејзиниот несомнен придонес за спречување на голема, па и најголема. Тоа најмногу зависи од состојбите, околностите, можеби од мигот кој сосема го пренасочил течението на животната река.
На личната животна грешка најмногу влијаат насочувањето, неретко престорено во притисок, влијанието на авторитетот (најчесто родителскиот) од една, а од друга страна несигурноста, неопределеноста, па и незрелоста за донесување одлука.
Системот? Тој најмногу, во најголема мера образовниот кој никако да се постави како поттикнувач и развивач на индивидуалноста, на талентот често мошне близок до генијалност. Напротив, тој и натаму му е подреден и продолжува даму се „подредува“ на медиокритетството. Впрочем, не може да се очекува тој да биде поинаков сè додека тоа-медиокритетството е нужно за одржување, развивање (опстанување?) на потрошувачкото-конзумеристичкото општество.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 90