Еден патник папсал од одење дење-ноќе, гол и бос по свој пат, па седнал среде пладне, на жешко сонце, на гол камен. Од под каменот подизлегла змија која го следела, стасала пред него и се свиткала да одмори во меѓувреме. Подизлегла, го видела папсаниот патник и му викнала налутено:
-Стани, човеку, сопатнику на твојот пат. Ми тежиш. Ако веднаш не станеш, ќе те каснам и ќе те отрујам.
Човекот ја загледал и ѝ одговорил исто така налутено:
-Само пробај, па ќе видиш што ќе ти се случи. Досега на мојот пат не знам ни самиот колку змии како тебе сум отепал, со голи раце сум ги задавил. Немој да мислиш дека те немам здогледано како ме следиш на мојот пат, наместо да одиш по свој, и оти не забележав дека ме претекна за прва да стасаш до каменов. Седи си мадро и одмори. За мене да не се секираш…Не ми е јасно како досега не научи дека секој треба да си фати свој пат, а не да оди по туѓ. Знам дека и ти како сите змии многу сакаат особено среде пладне на жеко сонце да им излегуваат на патишта на луѓе, да ги попречуваат во ôдот, дури и да им ги преземаат каснувајќи ги и труејќи ги. Но, јас помислив дека и меѓу змиите има исклучиви, како меѓу сите живи суштества на овој свет, а ти си една од нив. Дека ме следиш не за да го преземеш мојот пат или да ми го попречиш патувањето, туку да ме чуваш и да ми го чуваш до целта од натрапници и непријатели…Нејсе, така е како што е и нека биде, само немој да ме лутиш. Каменов е доволно голем за да има место и за мене и за тебе. Да одмориме, па да продолжиме.
На змијата не ѝ се допаднало тоа што патникот воопшто не ја третира, не ѝ се плаши, туку напротив, дури ѝ се заканува. Од друга страна, таа веќе навикнала да оди по неговиот пат, па нема потреба допрва да фаќа свој. Решила да го нападне патникот, да го касне и да го отруе.
Меѓутоа, се остварила заканата на патникот. Налутен скокнал, ја фатил со голи раце змијата, ја стегнал за вратот и ја стегал сè дури не ја задавил. Потоа ја фрлил мртва крај патот, поседел уште некое време на каменот и одморен продолжил сам по својот пат.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 47