Си го загрозиле меѓусебно опстанокот на светов луѓето и дивите и питомите животни, па се собрале да се договорат како да ги надминат проблемите, недоразбирањата и раздорот меѓу нив. Бидејќи, како што е општо познато, животните отсекогаш биле и се попаметни од луѓето, тие дале конструктивен предлог:
„Ние, дивите и питомите животни, од памтивек, уште од раѓање што се вели, во напшите гени што се вели ја знаеме силата и храброста на заедништвото. Со други зборови, сме опстанале и опстанувавме до ден-денешен само благодарение на тоа што знаеме оти никој од нас не може сам. Ви предлагаме, луѓе божји, да се сплотиме. Ви гарантираме дека сплотени никој не ни може ништо. Не ќе постои сила која не што не ќе може да го загрози нашиот заеднички опстанок, туку секоја уште на стартот ќе биде обессилена“.
Луѓето думале, шестале некое време, па издумале:
„Сме чуле за благодатите на сплотеноста. Одвреме-навреме таа сме ја остварувале. Конкретно, сме живееле сплотени во унии, конфедерации и федерации, ама никогаш досега не сме успевале да останеме сплотени за веки веков. Најпрвин затоа што главен принцип на сплотувањето ни бил единство на различности, а не дека, како што најпосле сфативме, тоа може да опстане само како различности во единство. Се сомневаме дека без да си ги чуваме, негуваме и постојано богатиме разликите меѓу нас луѓето и вас дивите и питомите животни, притоа живеејќи во единство, сплотувањето просто-напросто не е возможно“.
Дивите и питомите жиовотни се зачудиле од ваквите размислувања и ставови на луѓето, а не чуле од нив конструктивен контрапредлог, па ги прашале:
„В ред, се сомневате и мислите така, ама имает ли контрапредлог?“
„Па ви го кажавме индиректно. Ај конкретно: предлагаме да пробаме да се сплотиме со нашите различни јазици и правоговори, исто како кога се нормира јазик на народ или нација прифаќајќи ги брз исклучок сите дијалекти. Иие веќе сме имале еден за жал неуспешен обид, можеби сте чуле за есперантото. Беше неуспешен баш поради спротивното, обидувајќи се да се земе понешто од сите јазици и да се направи еден и единствен. Веруваме во успех со вас поради една проста причина: вашите јазици и правоговори содржат многу извици, `ржења, крици, завивања, лаења, гровтања и слично, а нашите еднозначни и многузначни зборови, предолзи, прилози, подмети, прироци, именки, заменки, глаголи и слично; па кога ќе ги сплотиме, конечно ќе почнеме да се разбираме меѓусебно. Сметаме дека токму тоа, меѓусебното разбирање не на еден јазик, туку на сите јазици што постојат меѓу нас и вас, а притоа да не дозволиме два-три да бидат доминантни, како светски, што, пак, му доаѓа исто како различност во единство, е прв чекор кон вистинско, искрено, чесно и продуктивно сплотување“.
Животните внимателно ги ислушале и преслушале луѓето, па со задршка односно сомнително прифатиле и почнале да се сплотуваат јазично и правоговорно. Бидејќи, како што баснава на почетокот потсети на ноторниот факт дека, како што е општо познато, животните отсекогаш биле и се попаметни од луѓето, тие ним им порачале, поточно ги предупредиле:
„Само да не ви падне на памет со нас или без нас да пробате пак да градите Вавилонска кула“.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 44