Јована Краснова не го задржа презимето од речиси десетгодишниот наизглед среќен брак со виолинистот Сергеј Краснов. На Теодор Вишен му има раскажано накусо за нејзиното семејство Краснови: татко ѝ Олег и мајка ѝ Дарја се од Краснодар, град на југот на Русија, економски и културен центар на Северниот Кавказ; Јована им била второ дете; прво е две години постарата од неа Ирина, а трето три години помладиот брат Николај; татко ѝ и мајка ѝ се починати, Ирина е мажена во Сочи, а Николај е машински инженер, сè уште неженет и живее во Тула, голем индустриски-металуршки, машински и металски град јужно од Москва, со големо учество во индустријата за одбрана на Русија; таа е во контакт со нив, но одамна не биле заедно; нема објаснение зошто е крстена Јована, а не со руско име. Значи, презимето Краснова не го задржала од бракот со Сергеј, туку тоа, каква случајност, ѝ е моминско.
Теодор Вишен и Јована Краснова имаат мошне блиски мислења и ставови за мажот, жената, бракот, семејството, заедницата, потомството, ближните…Радо признава дека многу од мислите за жената во неговиот бележник-делото „Жива мисла“ се заеднички, а некои дури идентични (таа не прифаќа он да ја назначи како коавтор). Една од нив нему најмногу му се допаѓа: „Жената е жена затоа што е секогаш убава“.
Жената во „Жива мисла“:
Жената во очите на мажот е секогаш поубава, отколку што сама мисли дека е.
Од сите убавини во природата, убавината на жената е најприродна.
Женската убавина може да биде фатална.
Жената во љубовта е еднакво јака и слаба.
Ако не ја создадеше жената, на Бог немаше да му успее да го создаде светот.
Жената дење е сонце што не зајдува откога ќе угрее.
Со убавина жената и поразена победува.
Жената е најубава кога е и љубовница и сопруга.
Жената и разболува и лечи.
Жената е голема глумицакакои во трагедија, така во комедија.
Лажните солзи изгледаат највистинито во женски очи.
Нежноста на жената може ненадејно да се престори во грубост.
Секогаш убави жени во машки свет. Во женски конкуренцијата ги огрубува.
Изневерена жена најмногу губи од својата убавина.
Жените како сопруги во бракот сè поретко им ја подаруваат својата убавина на сопрузите.
Од убавината на жената најмногу зависи дали мажот ќе признае дека е она попаметна од него.
Без женска рака нема чист и уреден дом.
Што се однесува на љубомората, сметам дека мажот е пољубоморен од жената кога е со мажи без него.
Вљубената жена може и да го замрази мажот кој сосем не ѝ се посветува.
Може исто да се сакаат жена и љубовница? Тоа најмногу зависи од мажот како внимателен љубовник.
Жена која се труди да го прилагоди мажот на себеси, всушност се обидува да го направи идеален за себе.
Нема совршена жена. Твојата не е ни посовршена од жените на други мажи.
Идеалната жена е секогаш убава и млада.
Убава е затоа што е стројна.
Жената секогаш бара целосно внимание.
Всушност, жената не ги крие своите години, туку смета дека тие не значат ништо за нејзината убавина.
Едно е да се сака жената секогаш повеќе од кога било, а сосема друго да се сака секогаш исто.
Честита жена е за честит маж.
Секоја жена е повеќе или помалку искрена. Целосно малку потешко.
Жена што лаже губи од својата убавина.
Жена што се сака е како расцутен, а нескинат цвет.
Во мрак жената може да не се гледа, но секако се чувствува.
Со една жена сакаш да живееш, а други само сакаш.
Не можеш да живееш без жената што ја сакаш, а таа сака друг? Не знам каков совет да ти дадам, освен дека таа нема да те засака и ако умреш за неа.
Жената во брак е и жена и сопруга и мајка. Поекогаш и љубовница каква што била пред тоа.
Жената лета како птица кога мажот ѝ прави гнездо.
Учена жена за учен маж. За неучен љубовница и диктатор.
Неретко храброста на жената е поголема од храброста на мажот кога се брани домашно огниште.
Не клекнувај пред грда жена. Тоа нема да ја направи убава.
Во љубовта жената замислува поввеќе од она што го гледа.
Земете жена која не верува во она што го гледа.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 12