Одамна е без свој ближен
овој знак врежан во камен
како да е отсекогаш среде
патот во пустошијава
по кој дење-ноќе одат
враќајќи се гладни и жедни
неми глуви слепи јадовни
толку голем што го дели
пред него и зад него
на две тесни врвици.
Знаков врежан во каменов
е без ближен што би можел
да му додаде ново значење
или неговото да го толкува
како предизвик дека веќе
не може отсега како досега
зашто целта не е цел
туку дел од бескрајноста
на залудноста и бесмислата.
А каков знак му бил ближен
на знаков
белки имал откога врежан
имал некое свое време потоа
дали макар сличен на него
или од него сосем различен
можеби спротивен
можеби без никаква содржина.
Знаков без ближен секако
го врежал он за по него патот
да знае дека ќе нема никој
да го доодува до нов жив свет.
ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 66