Немост и немоќ

Нема збор нема слог
буква нема глас нема
ни каков било знак
меѓу многу тишини
насобрани во круг
опфатен
од силно ветриште кое
го збива го обезличува
го обесмислува дотолку
што да не може
од болка јад жал и страд
да се соземе
и да си одговори како тоа
толку немоќен да станал
во меѓувреме
дури грабал напред.

Потешка ли е
посмртна ли е
позлосторна ли е
немоста
или немоќта конечно
слави пораз над огон
во пустошија
принудувајќи го сам
во себе да задуши
последен плам.

Во немост и немоќ денес
веќе нема живо семе
што да заживее утре
да из`рти на виделина
па да се извишува
непорекливо.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 60

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.