Подарок-подарување

Тивки клокоти

Подаруваш зашто сакаш и зашто имаш што да подариш. Притоа, помалку е важно што е подарокот и која му е вредноста, отколку дали го подаруваш од срце и навреме.

Не е подарок од срце кога е како твое откажување, кога не ти треба или ако на даруваниот-даруваната веќе не му е потребен-не ѝ е потребен оти минало времето за подарување. Ако се откажуваш, тоа не е подарок, туку нешто од што сакаш да се ослободиш, па не се ни обидуваш да знаеш или дознаеш кој го добива. Ако не ти треба, тоа значи дека си го употребил, си го искористил, а не ни помислуваш дека може да не му треба ни на даруваниот-не ѝ треба на даруваната. Тој или таа, пак, ја прикрива потребноста зашто внимава да не те навреди или повреди. Па го прима-па ја прима, ти се заблагодарува и после гледа што побрзо да го заборави или да се ослободи од него како нешто одвишно, излишно. При сето тоа поважен е подарокот одошто подарувањето.

Прочитај и за ... >>  Страв-Кукавичлак

Подарокот вреди многу, малку или воопшто не вреди не според големината, квалитетот, убавината или според цената платена за него, туку според она што тој го искажува отворено икли прикриено, може загадочно, буквално или симболички.

Одамна е докажано и секогаш ќе се докажува дека најмногу и најдолго, ако не и безвременски вреди подарокот што значи искрена, безусловна и неугаслива љубов.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 180

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.