Човек се возбудува одвреме-навреме за сенешто. Никако не непрестано со иста силина, ритам и содржина. Притоа не заборавајќи на спокојствот, просто затоа што е тоа во неговата природа и во суштината на неговото постоење. Се разбира, тоа е кога обете, и возбудата и спокојството се во рамновесие. Кога не се, ако не се, поготово кога или ако надвладеала возбудата, тогаш му се загрозува или си го загрозува здравјето. Дури личниот овоземен опстанок.
Кога е збор за возбудата, поточно е да се каже возбуди. Зашто има различни, причински и последични, позитивни и негативни. Не само при бранување на емоциите, за надвладување од нив на физичкото, на дејствувачкото, туку и кога е краткотрајна, дури мигновена реакција на собитие, ситуација, непријатност, расположба. Негативните не смеат да траат предолго, толку долго што човек да не може да се поврати во „нормална“ состојба; каков што е, каков што се препознава себеси во светот.
Возбуда во рамновесие со спокојството, тоа значи дека човекот е одвреме-навреме возбуден, но секогаш му е близу, „при рака“ спокојството.
Мора да се издели од другите возбудата од, пред и со убавината. Затоа што само таа ја докажува човечноста во човекот. Дури кога и според траењето и според силината е над спокојството.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 178