Процес

Тивки клокоти

Животот, каков-таков и сè во него, е процес кој не престанува до смртта, а неретко продолжува по неа. Не каков било процес, не бесцелен, туку  создавачки и насочувачки. Процес кој резултира со оформено, создадено дело или, пак, со трага како дел од постоење на смисловен живот.

Имаат ли или не право оние што нагласуваат дека процесот е важен, а не резултатот од него?

Имаат кога се има предвид континуумот на нечие или некое постоење, што значи дека резултатот од него никогаш не е конечен. Немаат ако е тој за растеж и развој, а не за блиска или скорашна неизвесна иднина. И ако значи крај без нов почеток.

Процесот како процес во која била сфера на животот и во која било негова етапа е суштествен за сегашен човек со свое минато и согледлива иднина, а најпрвин како спојно ткиво меѓу стварноста и заумноста, меѓу замислата и докажаноста со дело, меѓу минливоста и трајноста.    

Прочитај и за ... >>  ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 16

ТИВКИ КЛОКОТИ рефлексивни искази, 174

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.