Добронамерност-Добродушност

Тивки клокоти

И добронамерноста во нашиов свет и добродушноста во нашево време како да премалуваат пред наездите на зломислата, злонамерата и бездушноста. Сè погруба, сè погрда стварност, сè побезвреден живот и сè побезначајна смрт. Човекот во човекот сè помолчалив, помалодушен, порамнодушен, побезизразен, побезгласен. Веќе тешко препознатлив.

Тешко ли е да се биде добронамерен? Зошто тешко?! Полесно е злонамерен? Како полесно?! И тешко и никако полесно, најмногу поради завладувањето на личната и колективната омраза во нашиов свет, сосе нашево време.

Добродушниот човек, пак, најчесто е незабележлив, а злоупотребен. Одамна поразен од суровоста на опстанокот. Речиси пред исчезнување.

Ако не ги бараме, ако не ни се потребни, барем некогаш да се потсетиме на вредностите на добронамерноста и добродушноста. Особено кога се заедно и истовремени.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 170

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.