Чудо

Потребно време за читање: < 1 минута

Човекот создава чуда чудејќи му се на светот создаден од Бога. Но не секој човек, туку оној што е секогаш со Бога. На Оној што не верува во Него, најпрвин дека е во Него, чуда му се случуваат пред  негови очи. Тој, пак, не ги забележува, ги одминува или жестоко им се спротивставува.

Чудна е природата надвор од човекот, а уште почудна природата во него. Особено дека надворешната е всушност дел од неговата, а неговата во најголема мера зависи од  неа. Двете природи се меѓузависни и се надополнуваат? Ги владее како такви креативниот дух и постојано ги пресоздава во дело како чудо.

Животот што го живееш е најголемото чудо создадено од тебе. Дека постојано го трошиш и го обновуваш, го изложуваш на опасности и го браниш од нив, го осиромашуваш и го богатиш, го создаваш и те создава меѓу твои воздиви и издиви, до смрт.

Наголемо од сите чуда за тебе, творецу, и за секој како тебе:

Постоиш едновремено на овој свет и во твој.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 163