Почит

Тивки клокоти

Имам почит спрема личнот. Најголема, неизмерна спрема мислечката и творечката. Никогаш не се воздржувам да ја покажам, да ја искажам, ако треба и да ја докажам.

Взаемна, возвратена? Може, ама не мора.

Затоа што знам да разликувам личности од лица; докажаните и кои без престан се докажуваат од оние кои не се издвојуваат од другите, но лесно се воочуваат во толпа, меѓу просечни; на кои трупањето лично богатство им е единствена смисла, а всушност бесмисла на работењето, дејствувањето и себепрепознавањето.

Почит и љубов? Или само почит? Или само љубов? Можна е почит без љубов? Којзнае. Можеби може. А љубов без почит? Не може!

Почит, па со неа или по неа љубов.

Внимавајте на користољубието.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 125

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.