Одговорност

Потребно време за читање: 2 минути

-Да ти кажам право, не сум начисто со одговорноста како прва, дури најпрва од сите човечки доблести и дострели на самосвеста. Поготово не како елемент на моралноста.

-Можеби си во право, но одговорноста не е случајно тоа. И непосредно и посредно се наметнува при нарушени морални вредности. Дури фрлени настрана, ми се чини и сосем отфрлени во едно карикирано постмодернистичко општество.

-За мене е крајност нејзиното поставување на прво место, и тоа од кое во најголема мера зависи перспективата на секое општество…Ме преокупира инсистирањето на разликување на личната од колективната одговорност.

-Уште една глупавштина на колективизмот, на невозможното единство на различности и на колетивната свест. Отсекогаш постоела, постои и може да постои само личната одговорност. Што е колективната?

-Сосем си во право, но не може просто да се премолчува нејзиното постоење некогаш и сега сè уште. Како одбегнување, некакво покривање, сокривање на личната. Кога јас би се прашувал, моето негирање на колективната одговорност би одело сè до нејзино заборавање…Јас никогаш не би прифатил моја лична одговорност да биде и нечија, па и ако се повеќе поврзани, претопени во една.

-Значи, согласни сме дека отсекогаш постоела и постои само лична одговорност. Туку…Одамна не сум те прашал што се случи во меѓувреме со нашиот мост преку големата и матна река. Да не се урнал?

-Не, уште не е урнат, но ако јас, ти или заедно што поскоро не преземеме нешто, скоро ќе го однесе реката. Ќе се случи најлошото за нашево сегашно и нашето идно време-да стоиме немоќни на нејзиниот лев или десен брег, без никакви шанси макар одвре-навреме да се најдуваме на другиот, сеедно лев или десен. Заедно со луѓево на кои рекава им е граница на постоењето.

-Сакаш да кажеш дека за него сме одговорни јас или ти или јас и ти?

-Зарем може да има други?!

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 8