Веќе ништо не се случува
Ненадејно за оној што гледа
Како сè се случува во сè
Однапред смислено
За случување на нешто
Единствено речиси нужно
Освен кога вчера било
Вешто сокриено од утре
Од некои други различни
Туѓи светови кои
Се судираат за да бидат
Исти додека се различни.
Денес се чини дека трае
Многу повеќе од вчера
Многу веројатно од утре
Само затоа што живее
И во паметењето
И во заборавот
Еднакво
Речиси како воопшто
Да не се случува
Или нема да се случи.
Се урива се разурнува
Се гради се надградува
Се живее се умира
Се ништи се опстанува.
Денес е јава во јазол
Кој никој не се ни обидува
Да го разврзе
Та секој во него
Та секој пред него
Е грижен
Дека веќе нема поврат
Во време на мир и спокој
Меѓу живи и мртви светови
Меѓу невидливи и видливи
Меѓу исчезнати и откриени
Траги на вечно постоење
На светлина во штит
За одбрана на достоинство.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 17