Чесност, Нечесност, Чест

Потребно време за читање: < 1 минута

Чесноста и нечесноста живеат или живуркаат една спроти друга. Близу, не толку далеку што да не се среќаваат, да не се познаваат, дури да се судрат. Најчесто се судираат, а притоа не се знае која од нив ќе надвладее.

Чесноста секогаш живее, како што живее, а нечесноста само живурка, и кога самата мисли дека живее. Тоа е суштинската разлика помеѓу нив.

Да се биде чесен е лесно, ако си човек. Да се биде нечесен е најтешко, дури невозможно ако си човек. Да, чесниот е човек, а нечеснииот нечовек.

Честа и чистотата се со иста сила и согледливост? Можеби не сосема, можеби една со друга, една по друга, една крај друга, ама исто и трајно сјаат.

Со чесноста одат честа и чистотата? Најчесто.Со нечесноста не како чесноста, многу помалу и поретко со честа, а уште помалу и поретко со чистотата.

Чест секому, ама никому да не му дозволиш да ти ја земат, да ти ја одземат. Варди ја од секој што обесчестил друг, зашто кога-тогаш ќе ја нападне и твојата. Друг нема, а ниту може да ти ја доварди.

Само со чест никој не се заборава. Само со чистота во сите времиња.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни записи, 110