На времето на каменитиот мост секој ден, од утро до мрак секој што минуваше низ него или ќе постоеше на него, како да ги поврзува двата брега на реката, можеше да го види безимениот слеп старец. (Никој не му го памети името затоа што никому не му кажал како се вика.) Слабуњав, со брадесто лице, облечен во црна, ветва и парталосана облека; седнат крснозе на дебел картон, до него Библија со црни корици, дрвен македонски крст и купа со вода.
Одамна го нема на мостот. Никој не знае, но сите што го знаеја и виѓаваа на него, поготово сите што клекнати до него го слушаа неговото мрморење веруваат дека е дамна умрен.
Некои од нив и ден-денес можат да ги пренесат неговите зборови од збор до збор:
„Водата е жива. Животот е вода. Нема раѓање, нема заживување и нема живот без вода. Исто како што нема без небо, сонце, ѕвезди, месечина и земја. Ма не исто, туку најмногу. Повеќе и од крвта.
Човек може неизмерно долго да живурка, да биде сал коска и кожа, но се знае колку дни може без вода.
Да не сте заборавиле дека нема здравје без вода?
Не ја умирајте, не ја убивајте водата. Не умирајте, не се убивајте себеси сами. Белки знаете дека нашите тела се всушност најмногу вода, а многу помалку коски, жили, месо, кожа.
Знам дека знаете што значи крштевањето на Бог во крстена вода, но размислете зошто секоја година на Водокрст се фрла крст во вода.
Ќе исчезне светот без вода“.
Безминеиот слеп старец на мостот е речиси потонат во заборав.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 27