Научила од родителите-мајка ѝ сликарка, татко ѝ историчар, дека не треба да се донесува никаква одлука за што било-еднакво за најмало, најбанално или пресудно, решавачко, пред да се мисли, размисли, промислува, осознава блиско и далечно, анализира.
Иако е сè уште млада, шеснаесетгодишна адолесцентка, не ѝ е првпат да мора да одлучи пред да преземе нешто многу повеќе за себе, отколку за своите ближни-татко ѝ, мајка ѝ, брат ѝ, сестра ѝ. Досега секако најважен за натамошната нејзина и заедничка живеачка, откако татко ѝ и мајка ѝ решија да пресечат, да ги прекинат секојдневните недоразбирања, спротивности, непопустливости, неусогласености; да се разведат, да тргнат по нови, свои животи: да продолжи сама, да созрева, да се развива, да се формира како личност или со кого од нив двајца. Можеби најважно од сè: да се осамостои или уште не. Кој досега ѝ го овозможуваше тоа во најголема мера?
Одлучува како веќе предолго да мислела, размислувала, промислувала, осознавала блиско и далечно, анализирала: ќе го напушти домот-големата, пространа, луксузно опремена куќа во најелитната населба во градот. Има доволна заштеда додека не се снајде, не најде некоја работа, можеби во некое кафуле како шанкерка или келнерка, сеедно во овој или во некој близок град. Не ѝ е најважно, не ја преокупира, но можеби наскоро ќе сретне некого со кого ќе почне сериозна врска. Дошколување? Нема проблем, беше и останува лично нејзина, самостојна, цврста определба да стане програмер, па секако ќе ја заврши математичко-информатичката гимназија и потоа факултет.
Во доцен ноќен час, близу до полноќ го напушти домот, без да се поздрави со кого било од ближните. На автобуската станица се качи во меѓуградски автобус. Со цврта одлука да слезе во првиот близок град.
Висока, стројна, убава, убавица. Како од некоја песна за убава мома, на која штотуку ѝ се отвора пат кон нов живот.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 74