Било

Јанѕи од јава во јазол

Било што било кога било
Нека било
Па и да не требало да биде
Додека било без да биде.

Штом било значи не може
Ниту треба да биде
Велам јас
А нема причина ти
Да не се согласиш со таа
Непобитност
Поготово зашто очекуваме
За нас да биде друго
Што било или не било
Кога уште можело да биде.

Се разбира дека
Станува збор за минато
Свршено или несвршено
Време сеедно
Во кое ние сме биле како
Никогаш да не сме биле.

Само треба да се избориме
Макар мигум да се најдеме
Кај што досега никогаш
не сме биле.

Се разбира дека јас
Намерно не помислувам
Дека може да биде
Или треба допрва да биде
Нешто без нас
Во нечие сомнение
Ниту на дно на нечие
Смислено постоење.  

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 15

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.