Книга-Читање

Потребно време за читање: < 1 минута

Книгата е најдобар пријател на човекот? Може да биде ако е тој со неа, ако му е при рака секогаш кога ќе му затреба. И не една книга, туку секогаш една и повеќе. Секогаш многу. Зашто во никоја нема сè, за сè, а секогаш за едно или многу нешта.

Поважно од сè: без оглед во која форма-хартиена или електронска, голем грев е да се остави книгата да ја покрива прашина, да се души во неа.

Читај непрестано, колку можеш повеќе, дури очи не си умориш. Ако не читаш, не ќе знаеш да изделуваш добро од зло, вредно од невредно. Не ќе знаеш што е од добро подобро, што е најдобро; а нема ни да го препознаваш лошото, грдото, безвредното.

Да се чита сè и сешто, што било? Се разбира не, ама не и нешто однапред да се трга настрана, да се фрла, да се отфрла, да им се остава на правта, пајажината, на заборавот непрочитаното, на забот на времето непознатото. Тоа барем да се прочита, без предубедувања, без туѓи или прифатени наметнати ставови и оценки; да се оценува, вреднува според сопствени критериуми и знаења.

Која е разликата помеѓу читање и прочитување? Голема и едноставна, а одамна затврдена и позната:

Се чита постојано, одново и одново, одвреме-навреме, во свое вистинско време. А се прочитува еднаш и се остава настрана, во некој агол на заборавот.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 93