Општество на доволност наместо потрошувачко

Потребно време за читање: 2 минути

Енциклопедиска одредница:

Потрошувачко општество е општество во кое доминира потрошувачката не само над понудата (пазарни категории), туку над севкупниот општествен и социјаен живот. Во него доминантни се влијанието на современите технологии и високата продуктивноста на трудот, маркетиншката политика и растот на животниот стандард.

Како сè друго во светот и животот на човекот, и потрошувачкото општество и во минатото имало и денес има позитивни и негативни „страни“. Кога е збор за позиитивните, најнапред се укажува на неговиот придонес во искоренувањето на масовната сиромаштија, односно забрзувањето на растот на економијата, високото ниво на производството и потрошувачката, како и широкиот избор на потрошни добра. А од негативните се изделува тенденцијата потрошувачката да ја одредува хиерархијата на општествените вредности, како и создавањето зависност на луѓето од наметнати и често непотребни форми на потршувачка (именувана како конзумеризам). За сметка на тоа, другите општествено корисни форми на потрошувачка и развој, како што се потрошувачката на образование, здравје, грижа за природната околина и сл. се запоставуваат.

Треба да се истакне дека она што на долг рок, во крајна линија потрошувачкото општество го прави деструктивно, дури уништувачко за човекот и неговиот свет, поготово за вредностите на животот. Притоа, како водилка се наметнуваат минливоста, маргиналноста, дребнавоста и безначајноста, е што тоа не ја насочува потрошувачката кон општа благосостојба, социјална сигурност и хуман развој на човекот како креативно суштество, туку кон пасивна потрошувачка како дополнение на производството и високите профити. Со други зборови, просто како болест се шири „автоматското трошење“, некои психолози и психијатри тоа го нарекуваат потрошувачка психологија, поконкретно потрошувачка зависност-потрошувачки менталитет: да се троши „до последна пара“ на што било, откако ќе се задоволат потребите на непотребно, дури на нешто што никогаш нема да се користи. Во нашево време најмоќното „средство“ за поттикнување и одржување на таквото во суштина бесцелно трошење е маркетингот кој атакува на целокупниот ментален склоп на човекот.

За разлика од некритичкото прифаќање и имитирање на „западните вредности“, што се всушност деструкции на кои најлесно и најбрзо им подлегнуваат младите, свесноста сè повеќе реагира, се противи, се бунтува, се бори. Како?

Досега на повеќе наврати како спротивно на потрошувачкото општество, како одбрана од него, како негов жесток и моќен непријател сум го посочувал општеството на доволноста. Сега само нагласувам дека во модерниот свет (не само западниот) се согледува дека потрошувачкото општество е на издишување, а сè понадмоќно станува токму тоа-општеството на доволноста.  

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 74