Пак за мене и моето творештво

Потребно време за читање: 2 минути

1. Аргумент за оние што „баш ги боли“ за мене:

Јас сум единствен мислител на светот со (моментно) повеќе од 26.000 проблесоци во мислата-афоризми, сентенции, промисли, домисли, изреки! (И творец на стотина прозни, поетски и сатирични дела.)

Што не значат апсолутно ништо за и во оваа држава и општество.

(Одамна, сега, утре, може и засекогаш:
Непризнаен, без никаква почит, творештво кое не ми обезбедува ни пристојна пензионерска живеачка! Презрен стар бел дедо.)

2. Без сатира државата и општеството бавно, но подмолно се разболуваат од неизлечива болештина.

Уште една потврда на грандиозноста на моето мислечко и книжевно творештво се моите сатирични дела (засега вкупно 10). Под заеднички наслов „Шило и осило“:

1) Нема или-или, а ни трте-мрте (афоризми и други јадровизми или лично-безлични закони, прописи, правила, постулати, аксиоми, укажувања, предупредувања и принципи);
2) Скечуално (сатирично-хумористични скечеви);
3) Приказни за големи деца (сатирични и хуморни приказни раскажани од немајкаде);
4) Сатиралии-стилски вежби за ментално проветрување (сатирично-хуморни (при)кажувања);
5) Саде аир да виѓаваме (сатирична, политикантска и сатирично-хумористична страснољубовна поезија);
6) Со прстот на чело-Помеѓу нас ништо непремолчено (сатирични раскази и други слични писателски сочиненија);
7) Урнебесни басни (хумористично-сатирични оригинални и прераскажани, дораскажани, надградени басни);
8) Latentia hronicus-Однапред и одзади (научно-политичка играно-сериска сатиралија за читање и слушање);
9) Дедо Громче (сатирични монолози);
10) Басни без наравоучение (во создавање).

Познавам неколкумина македонски врвни сатиричари во минатото и денес со значајни дела, но нема ниеден со толку на број и разновидни.

3. Зошто не ме интересира мислењето на критичарите за моето грандиозно мислечко и книжевно творештво? Затоа што никој од нив не му е дораснат!

Истакнат македонски критичар:
„Проблем е што Љупчо Димитровски создава по 3-4 дела годишно, а не дозволува да му се објави-отпечати ниедно. Ги објавува само на Интернет-на свој веб сајт и на социјална мрежа. Тие, пак, не се ни во електронски формат“.
Зошто проблем?!

А зошто не ме интересира превод или препев на мое дело? Затоа што денес секој може да го стори тоа кога сака, со помош на вештачката интелигенција.

4. На никаков начин (во моментов) не ме поврзувајте со Македонската академија на науките и уметности-МАНУ! Јас немам никаква врска со академијата. Ниту со неа, ниту во неа. Не сум ѝ „соодветен“ како мислител и книжевник.

5. Не верувам дека додека сум жив (уште некое време) нешто ќе се промени во односот спрема мене како мислечка и книжевна личност. Исто спрема моето грандиозно творештво. Затоа што сум сам, единстведн и веќе поприлично рамнодушен.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 73