Птици преселници им говорат на луѓе дома и надвор, близу и далеку загрижувачки, предупредувачки и во не мала мера разочарувачки:
„Ние, птиците преселници што сме тоа затоа што сезонски или периодично се преселуваме од една во друга животна средина, поради промената на годишните времиња, но пред сè од прехранувачки и опстанувачки причини, искажуваме голема загриженост и разочарување поради вашата упорност постојано да бидете како нас, да летате преселувајќи се во блиски и далечни предели. И тоа без оглед на климатските промени, односно промената на годишните доба. Најчесто на север во пролет, не враќајќи се во есен на југ.
Наш главен мотив за преселба е исхраната, родот и породот, но и животот воопшто колку може поспокоен, побезгрижен, поудобен, полесен и поживотворен. Кој е вашиот? Зарем и по добивањето крилја и научувањето да летате и прелетувате од една до друга страна на светот заедно со нас и натаму со вас владеат предавството, грабливоста, физичката сила, големиот стрес од една и аздисаноста од друга страна?
Ние, птиците преселници, знаеме дека вие, луѓе дома и надвор, близу и далеку, знаете оти речиси сите наши селидби се заедничким, во јата. И оти тоа им е најсоодветно на големите птици. Пред сè за заштеда на енергијата. Истото го правите и вие? Да, но вие при преселбите во сите годишни доба и на сите страни на светот, во последно време особено од југ на север, како да немате никаква контрола! Како да ги прифаќате дезинформациите дека во меѓувреме животот во вашите живеалишта станал уште понеподнослив, уште посиромашен и победен. Како во него веќе да не е можна никаква егзистенција.
Можеби не знаете, можеби не ве предупредивме откако ви дадовме крилја и ве научивме да летате како нас дека таа-контролата е преуслов за успешно наоѓање на вистинскиот момент за селење, прелетување односно за напуштање на вашите домашни огништа. А не ни помислувате на тоа оти тие, доколку останат без мниедна жива душа, брзо се запустуваат однатре и згаснуваат. Дотолку повеќе што баш поради немањето контрола и полетувањето во погрешен момент може и вам како нам да ви се случи од предолго летање да се изгубите на својот пат, да се најдете во беспаќе и да почнете да скитате бесцелно. Притоа бадијала да ви се и крилјата и наученото летање.
Најсетне, луѓе дома и надвор, близу и далеку искажуваме најголема загриженост, предупредување и разочарување поради сè помасовната појава на невраќање во старите домашни огништа, што значи нивно неминовно запустување и гаснење. Без оглед што во меѓувреме се подобрени времињата и состојбите кај нив и во нив. Поготово што останувате на север, а југот полека се стабилизира во секој поглед и ве повикува да се вратите во него. Вам, пак, тоа-сџелењето, прелетувањето односно преселувањето како воопшто да не ви паѓа на ум. Не само тоа, туку заборавате на крилјата, заборавате дека тие стануваат корави, закржлавени, дури се исушуваат ако не ги користите одвреме-навреме. Та веќе е видно дека останувате без крилја и бадијала ви е што знаете да летате.
Ви говориме, луѓе дома и надвор, близу и далеку зашто забележуваме дека и физички и ментално сè повеќе се оддалечувате од нас. Сè повеќе ние, птиците преселници, не ве препознаваме ни како луѓе ни како птици“.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 29