Се собрале домашни и диви животни во шума далеку од град и луѓе и почнале да се жалат меѓусебно, како да им е загрозен опстанокот.
Жалбата ја почнал царот на животинското царство:
-Дами и Господа, домашни и диви животни во мојава царштина, со жалење морам да констатирам дека човекот стана наш најголем непријател. И тоа пред сè поради тајните, притаените, но и јавните делби и разделби што ги прави меѓу нас. Што, пак, во крајна линија остава трајни последици врз нашиот соживот, заедништво, единство и братство.
Имено, веќе е очигледно дека делбите и разделбите меѓу вас, а особено меѓу вас и мене како ваш цар се во завршна фаза. Сакам да кажам дека благодарение на меѓуетничките, меѓуконфесионалните и меѓупартиските разлики, кои ни ги наметна и на кои подло нè натера човекот откако прифативме да ја воведеме партократијата односно владеењето на партиите со политикантско членство, ние сме веќе длабоко поделени и разделени не само по наведените разлики, туку и по суштествената линија на потекло, род, раса, дивост и питомост.
Продолжиле во еден глас волк и куче:
-Да, честити царе на животинсково царство, тоа е најочигледно меѓу нас-волците и кучињата. Човекот со своите делбени дејанија не само што тотално нè раздели, иако е докажано дека пред илјадници години сите бевме сиви волци, туку ние кучињата му станавме најверни и најпослушни, а ние волците ко од веки веков да сме му ем диви ѕверки ем најголеми непријатели на неговите овци. Во последно време човекот отиде чекор подалеку: нас волците нè направи крвни непријатели на нивните чувари-овчарските кучиња, а нас кучињата нè подели од една страна на градски и селски, а од друга на домашни миленичиња и џукели.
Продолжиле исто така во еден глас дива и питома свиња:
-Ние исто и уште повеќе, честити царе на животинсково царство. Нас човекот не само што нè подели на диви и питоми повеќе по расна и корисна линија, туку како питоми и диви нè одгледуваат како дивеч за отстрел односно за колење млади во прасечко доба и возрасни што подебели. Што се случува во последно време? Во последно време се случува во шумава драстично да се намали бројот на нас дивите свињи, а свињогојството да стагнира не поради некаков отпор на нас питомите, туку затоа што свинското месо на пазарот сè повеќе им го отстапува водечкото место на нашите внатрешници преработени во колбаси, хреновки, салами, мортадели, џимиринки и слично.
Лавот почнал да станува и седнува во царскиот престол како да се брани од здрвување во него, па од бројните барања збор од другите домашни и диви животни како последни ги избрал дивиот и питомиот коњ:
-Честити царе на нашево животинско царство, ние не знаеме, но мислиме дека си свесен оти нам, на дивите и домашните односно питомите коњи ни е најзагрозерна слободата од страна на човекот. Ќе се осмелиме и да ти забележиме како на цар дека не требаше да прифатиш во царштинава да се воведе партократијата. Белки и ти лесно го согледуваш тоа, имајќи ја предвид пред сè расната поделба меѓу нас.
Имено, едни од нас припаѓаат на расни, во најголем број тркачки и јавачки коњи, за посебни потреби на човекот, посебно за неговите индивидуални и колективни трки, ја знаете нивната изрека „И ние коњи за трки имаме“, и тие се изделуваат уживајќи во одгледувањето и третманот. За разлика од товарните кои човекот ги товари без мера, па некогаш одвај успеваат да останат на свои нозе до целта, а најблиски до нив коњите за орање кои во последно време како да замруваат. Слободата ни е дефинитивно најзагрозена на нас, дивите коњи. Кога човекот ќе фати некого од нас со своите ортоми што ги нарекуваат ласа и потоа не јаваат за да нè скротат на отворена сцена што ја нарекуваат арена, народот како публика тоа го разбира како опомена дека слободата е можна само во дивина. Ниту, пак, може да ја има и брани во шума како нашава.
Лавот се замислил некое време, па заклучил:
-Дами и Господа, домашни и диви животни, морам со големо жалење да констатирам дека партократијата ни ја уништува царштинава. Ако не сакаме наскоро да ја изгубиме, сосе мене како ваш цар, мораме час поскоро да ја замениме со вистинска демократија. Тоа значи под итно да ги растуриме, поточно да ги укинеме вашите јавни и тајни партии, особено оние што веќе предолго се менуваат како власт, како што вели народот „Слези Курто да се качи Мурто“, а да почнеме конструктивни разговори со човекот за конечна делба и разделба на два света-човечки и животински. Кои ќе немаат ништо заедничко, нема да соработуваат на ниеден начин, а граница меѓу нив ќе биде тврдина оградена со бедеми до небо.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 28