Глас меѓу гласови

Потребно време за читање: < 1 минута

Кон глас што се слуша сè потивко:

„Од ден на ден сè повеќе слушам, а сè помалку гледам гласови околу мене. Гласови секакви, а најпрвин силни, продорни и тивки, недопирливи. Веќе одамна не ги ни чувствувам ни гледам оние на кои им припаѓаат или оние што ги пренесуваат. Не ме прашувај дали и твојот исто како нивните.

Ќе ти одговорам дека твојот глас сè уште го препознавам меѓу гласовите што ги слушам и ги глледам. Сè уште, што значи со сè поголем напор. Како да се оддалечуваш од мене, како да си ми сè подалечна. Наскоро ќе бидеш недослушна и недогледна за мене? Тоа ти е целта?!

Да не почна да се повлекуваш пред силните и продорните гласови? Да не почна да се плашиш од нив? Зарем заборави на мојата ука како да се справуваш со нив, како да не дозволиш да те замолчат, никому од нив да не си му пред очи?

Твојот глас меѓу многу гласови ме спокои и кога го слушам сè потивко, и откога почна сè повеќе да се престорува во шепот. Не знам зошто, но како ти да настојуваш да не го гледам, да не го догледувам. Можеби за повеќе да не го следам.

Веќе ту глас ту звук од тебе кон мене, за во мене. Како песна. Песна ќе е. Која ќе се пее допрва и ќе станува сè погромовита. Од мое и твое грло. Можеби придружени од грлата на оние што како нас допрва ќе слушаат сè помалку, а сè повеќе ќе гледаат познати и непознати гласови. Сè почесто и крици меѓу нив“.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 69