Јас со збор, во збор и за збор. Јас со зборови, во зборови и за зборови. Во игра лесна, тешка, со грижи, безгрижна? Некогаш лесна, некогаш тешка, поретка со грижи, безгрижна во мое време. Кога се од мене за други и со други.
Зборови слаби, преслаби, јаки, прејаки; стари, излишни, нови, неистрошени; еднозначни, многузначни; весели, тажни, спокојни, возбудени: смирувачки, немирни, трепетни, вљубени; докажани, за докажување. Какви да се, ни јас можам без нив, ни тие без мене.
Зборувам и молчам со моите зборови, зборуваат и молчат тие со мене. И никогаш не ме уморуваат, и секогаш внимавам да не ги премалам од употреба.
Зборувам, мислам, промислувам; раскажувам, пеам, стихувам со моите зборови за секој што сака да ги споделува, што посакува да ни бидат заеднички постојано или одвреме-навреме. Додека откријат, пронајдат, соберат, приберат свои.
Јас и моите зборови најслободни во творечка игра, во создавање мои дела.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 90