Еве како последниот лав, царот на животните и луѓето во неговата царштина, ја изгуби царштината и се пресели на оној свет како ептен стар и немошен:
Пред да стане цар и на луѓето, лавот им бил цар на животните од векутума века наваму. Ем ко најсилен, ем ко најборбен, ем ко најслободен, ем ко најспособен за царување. А станал и цар на луѓето во неговата царштина, откога луѓето се убедиле дека е баш цар кој може да јас спаси земјата од запустување и пустошење.
Најголемиот успех на последниот лав ко цар бил рамноправна соживеачка меѓу дивите и питомите животни, како и меѓу животните и луѓето. Напросто идеално! Без никакво недоразбирање и конфликт, со меѓусебно спомагање и почитување, рамноправно и рамнотежно. До кога му траеше тој успех?
Му траеше додека силници не ги натераа дивите и спитомените животни да се судираат меѓусебно, да си наштетуваат едни на други, да се ништат едни со други и да ги запустуваат плодната земја и густите шуми со сè што тие раѓаа издашно. Ја дотераа до такво запустување, што природата да не може да се соземе и според годишните доба да ја повраќа рамнотежата меѓу животот и смртта.
Всушност, успехот во владеењето на последниот цар лав со својата царштина почна да му се престорува во сè поголем неуспех откога луѓето почнаа да се судираат и со дивите и со спитомените животни. Со дивите дури крваво, а со спитомените како нивни господари. Со време сè помалку му успеваше да ги смирува и помирува, да им суди по право за правдина и да им го повраќа соживотот.
Им велеше мудро на сите:
-Животни и луѓе мои, јас како ваш цар сум веќе стар и сè понемошен, а ќе умрам од секирации гледајќи како сè повеќе не трпите и не се трпите меѓусебно. Згора на тоа, како да сте слепи при очи та не ги гледате и не ги слушате нашите внатрешни и надворешни непријатели како ни ја ништат земјата. Таа ни е веќе запустена, сè живо пресушува, гасне, согорува, пеплосува од едно до друго годишно доба. Речиси е веќе пустошија. Јас секако ќе умрам како ваш последен лав цар, значи по мене ќе нема ниеден жив, ама вие ни со џенем фаќање не ќе можете да си ги спасите голите животи. Ќе биде ко оваа земја од векутума века наваму да не била со лав цар на животните и луѓето во неа.
Знаете ли од што имам најголем уплав? Од белата чума што пеколно се рашири и меѓу вас луѓето и меѓу вас животните. Смртта речиси го надвладеа животот, и тоа само затоа што во пустошијава нема живот.
Тоа беа последните зборови на стариот и немошен лав цар. Среќа негова што не го доживеа разграбувањето на неговата царштина од страна на стрвните соседи.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 23