Радикализмот

Потребно време за читање: 2 минути

При секое промислување на радикализмот се наметнуваат неколку прашања и дилеми, од кои две се чинат најсуштествени: зошто најчесто негативен однос спрема него, во што на прво место е несомнено стравот кој без исклучок ја содржи неизвесноста, и зошто тој се исклучува или одлага кога е неминовен, кога веќе нема ни време ни простор за што-годе друго освен за него.

Најпрвин, секогаш треба да се има предвид неговото основно, терминолошко значење:

Радикализмот значи примена на коренити, односно решителни мерки во решавање на пред сè горливи прашања и проблеми. 

Што се однесува на политичкиот радикализам, кој е најактуелен во клучни кризни состојби и собитија за општеството и државата, тој опфаќа поединци, движења и идеологии кои се залагаат за радикални промени и бескомпромисно остварување на политички цели. Сосем погрешно, особено во нашево совремие радикализмот се поврзува со екстремизмот; затоа што најмногу се поврзува со претераност.

Инаку, во најопшта смисла радикализмот значи збир на политички начела во чија основа се промена на социјалните структури преку револуција и менување на вредносни системи. Тој ја вклучува пред сè левицата, а радикалните од десницата се нарекуваат реакционери.

Историски, пак, како радикални биле сметани комунистите, социјалистите, анархистите, анти-империјалистите, феминистките и други кои се залагале или се залагаат за радикални промени во општеството бидејќи е тоа неправедно.

Имајќи ја предвид сегашните состојби во македонската држава и општество, некако сами по себе се наметнаа/се наметнуваат радикалните промени. Како радикализам може да се назначи и ставот дека нужноста од радикални промени во сите сфери на животот е последна шанса можеби не за актуелната власт, туку за опстанокот на земјава и народот во неа. Притоа, најчесто се акцентира нужноста од жестока борба против корупцијата и криминалот-мафијаштвото.

Само за последново:

Актуелната власт во Република Македонија нема никаков простор за „маневрирање“, „темелна подготовка“ или за „сè во свое време“. Ако во нешто е неминовен, неодложен, „прекуноќен“ радикализам, тоа е токму борбата против корупцијата и криминалот-мафијаштвото. Одамна за него веќе не е „пет до дванаесет„“’, туку за жал „дванаесет и пет“.

Се разбира, не мислам-не се залагам за сензационализам, медиумски циркус (спектакуларни апсења, судски процеси и сл.). Мислам на сосекување во корен и едновремена смислена масовна кампања за чесна живеачка, чесно лично кариеристичко напредување и благосостојба. Мислам на она што на колоквијален јазик се нарекува живеачка во која криминалот просто не се исплати. А кога станува збор за мафијата, најважни против неа се две нешта: „рибата смрди од главата“ и таа е совршено организирана, моќна, со многу нивоа на субординациска послушност.

Имајќи ги предвид претходните укажувања, борбата против неа мора да биде соодветна: „прекуноќно“ апсење на мафијашките главешини, совршена односно моќна (неминовно долготрајна) секојдневна акција и пресекување-раскинување на субординациската мрежа.

И ова во конкретнава-македонскава ситуа(к)ција:

Очигледно е неминовна борбата на извршната власт против судската, а со оглед на нејзината тотална партизација и апсолутното слуганство спрема претходната власт.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 67