БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 20

Потребно време за читање: 2 минути

20. Парламентарни мајмуни и папагали

По одржани демократски, слободни и неависни избори во една демократска дивоживотинско-птичја државичка и конституирањето на животинско-птичјиот парламент, во кој најмногу пратеници од партиите на позицијата има Мајмунската партија, а најмногу од партиите на опозицијата Папагалската, се одржува првата седница на која треба да се донесе првиот закон-Закон за позиционо-опозиционерско дејствување во името на народот. Расправата беше мошне плодна, а во тек е последна расправа меѓу еден мајмун и еден папагал. Да ја проследиме.

Мајмунот:

-Овој закон е од исклучителна важност за натамошниот непречен развој и сигурна перспектива на нашава дивоживотинско-птичја демократска, слободна и независна државичка. Со него како отепување два зајака  со еден куршум обезбедуваме пред сè некорумпирано, значи чесно позиционо владеење и конструктивно опозиционо дејствување, во смисла на укажување на слабостите, недостатоците и недоследностите на нашата владеачка партија сосе коалицијата.  

Папагалот:

-Мајмунов треба да знае и да биде свесен дека јас лично не претставувам каква било папагалска партија, туку чиста, што значи некорумпирана и секогаш конструктивна. Сакам да речам, сеедно е дали е таа на власт или во опозиција. Нејзината специфика, пак, е дека нејзиното членство, односно јас и секој папагал во мојата партија, а не само ние пратениците не зборуваме односно дејствуваме унисоно, што значи папагалски, конкретно со буквално повторување на издиктирано од страна на нашата врхушка. Напротив, ние сме партиски инструирани опозиционо односно конструктивно да реагираме мајмунски на секој мајмунлак на владеачката Мајмунска партија. Во конкретниов случај јас нагласувам, ако треба и папагалски ќе повторувам дека со озаконување на мајмунско позиционо владеење и папагалско опозиционо дејствување ништо добро не ѝ се пишува на нашава државичка во перспективна смисла. Мајмунлакот е очевиден.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 10

Мајмунот:

-Ова е просто неверојатно и конструктивно недозволиво. Јас како мајмун сум изненаден и крајно разочаран со вакво папагалско однесување на нашава прва парламентарна законодавна активност.

Едногласно сите пратеници папагали:

-Ништо добро не ѝ се пишува на нашава државичка во перспективна смисла. Мајмунлакот е очевиден.

Мајмунот:

-Еве, со вашата едногласност, опозициони папагали, само ја докажувате вашата папагалска природа, односно нејзината прва карактеристика-потенцирање со папагалско повторување.

Папагалот, едногласно со другите папагалски пратеници и излегувајќи од парламентарната сала, во знак на протест и неприфаќање да не гласаат ни за ни против ни воздржано:

-Ништо добро не ѝ се пишува на нашава државичка во перспективна смисла. Мајмунлакот е очевиден.

Зема последен збор претседавачот на животинско-папагалскиот парламент, најстариот пратеник, инаку член на најмалата опозициска Кловновска партија:

-Ја прекинувам седницава и гласањето на законот се одложува додека не се смират мајмунско-папагалските страсти. Јас како претседавач не можам да дозволам уште на стартот парламентов да се претвори во циркус. Имајте предвид дека јас и неколкутемина пратеници кловнови имаме моќ да ве истренираме и контролираме мајмунско-папагалски.  

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 2