НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 16

Потребно време за читање: < 1 минута

16. За едно познанство

Ги слушав отстрана.

Он нему:

-Ја познавам, но не ја запознав и жалам поради тоа. Мислам дека таа не сакаше. Не ми го дозволи тоа…Не ми дозволи ни да ѝ се доближам, а камо ли да ја откривам.

Он нему, длабоко воздивнувајќи:

-Ти се гледа на лице дека жалиш. Ти ја нема ведрината…Треба да си задоволен што ја познаваш. Некои со волшебна убавина јас не успеав ни да ги запознам. И покрај моето трудење…Да не те познавам, би рекол дека со неа ти се случило нешто посебно, единствено…Ќе ми откриеш?

Он нему, по долго молчење и загледаност во криглата пиво пред него:

-Ништо посебно. Само дека ја познавам, но не ја запознав и жалам…Бевме, а не бевме заедно. Тоа е…Значи, и таа ме познава, но не знам дали ме запозна…Сега мислам дека се сокриваше од мене. А јас не.

Он нему:

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 10

-Ми кажуваш како да сте уште заедно. И сè уште не си ја запознал…Вљубен си во неа, нели?

Он нему одмавнувајќи со рака:

-Остави го тоа…Нема врска…Не, не, веќе не сме заедно. И кога бевме не бевме. Знаеш што беше посебно од неа? Нејзината способност, нејзината вештина да не дозволува човек да ја запознае каква што е. Што крие нејзината волшебна убавина…А упорно тврдеше дека е таква каква што е. И со мене и пред мене и покрај мене…Не ѝ бев љубов.

Ги испија криглите пиво, станаа и рака под рака излегоа од кафулето.