ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 64

Потребно време за читање: 2 минути

64. Прекуноќ

Прекуноќ: веднаш, многу брзо, во текот на ноќта. Тоа во буквална смисла. А во преносна: ненадејна, неочекувана промена, пресврт.

Прекуноќ е најблиску до радикалност, односно коренита промена.

Спротивно на прекуноќ: тековност, процес, постапност, бавност, континуитет.

Прекуноќ се наметнува само по себе, како неопходност по долго време на стагнација или уназадување, деградација, деструкција. Притоа, многу важна улога има ненадејноста, односно неочекуваноста.

Кога е не можно, туку неминовно прекуноќ во власта, политиката, бизнисот, секојдневниот живот? Не е потребна долга и детална причинско-последична елаборација: не е можно, туку е неминовно кога повеќе не може како досега и како сега. Или прекуноќ раѓање на нов ден или продолжување на пропаѓањето поради одење од грешка во грешка, тонење во бесперспективност, безнадежност, дури агонија.

Во власта:

Промена прекуноќ поради властољубие, страховладеење, велепредавство, клиентелизам, непотизам, политикантство, подаништво, слугански однос спрема „стратешки партнер“, корупција, криминал-мафијаштво. Прекуноќна промена на власта значи радикално поинакво владеење. И тоа не со народот, туку со ресурсите и според можностите, поволностите, геостратешките движења и интереси. Што, пак, просто не е можно без способност за менаџирање со состојби, собитија и процеси, знаење, искуство, но и морална вертикала (доследност, непорочност, да се биде свој; суштествена нормала).

Во политиката:

Прекуноќ не поради погрешна, значи повеќе од лоша политика, особено кога е збор за последиците, туку дека е таа поразена (на избори) или неуспешна на локален, регионален, меѓународен план. Тоа едновремено претпоставува радикално нова политика, дури спротивна на дотогашната. И еднакво се однесува и на победничката и на поразената.

Во бизнисот:

Прекуноќ поради неуспех, крај, банкрот. Што било од тоа не прекуноќно. Напротив, по долго мачење, измачување, на раб на бездна, снаоѓање, неснаоѓање, а сè како последица на незнаење, неспособност, неопитност, неприлагодливост, зависност, нелојална конкуренција, политикантски игри и (пре)сметки…И? Прекуноќ нов бизнис или беда, живуркање, очај.  

Во секојдневниот живот:

Прекуноќ, значи ненадејно и ненајавено никому решаваш да пресечеш, да прекинеш со дотогашниот ритам, стереотипите и навиците, па и односите со оние со кои си свикнал, си споделувал сенешто, со блиските и далечните врски. На пример да заминеш, да се иселиш незнајно каде. Без враќање, дури си жив.  Пресекуваш, прекинуваш прекуноќ? Може за други, за оние со кои си бил, но за тебе секако по долго промислување и премислување.

Суштествено за прекуноќ:

Неминовно е нешто прекуноќ кога е просто невозможно да продолжи како досега, кога кулминирало, а не може нов почеток да се подготвува долго. Пред сè затоа што последиците станале, односно стануваат несносливи, а упорното продолжување дерјствува „заразно“ врз други, директно или индиректно поврзани нешта.

Прекуноќ е најважно за корумпирана држава во сите сфери и на сите нивоа. Во која мафијата е гангренозна рана, а севкупната состојба канцерозна. При што е недозволиво ниту каква било подготовка, ниту краткорочно одлагање, ниту долгорочно планирање. А да, не заборавам: за прекуноќ се потребни умност, знаење, опитност, визионерство, но наспоредно со нив доблест, стаменост и непоколеблива решителност.