49. Мера-Умереност
Во сè треба да се има мера и во сè да се биде умерен. Значи, ништо премногу, ништо премалку; ништо прерано, ништо предоцна.
Ова сме што сме, овде сме до кајшто сме. Меѓу другото и затоа што премалку правевме, а премногу баравме; прерано скокавме високо, а предоцна се замисливме длабоко.
Сепак, ништо не е предоцна ни премалку доколку ја најдеме вистинската мера и доколку конечно почнеме да се учиме на умереност.
Кога во сè имаш мера и кога си умерен во сè, не ти треба мерка.
Тоа значи дека точно знаеш зошто, како, до кога, до каде, до колку, та немаш дилема дали ќе стасаш на целта. Сеедно само твоја ли е или заедничка. Тоа значи и дека ако не сè, сигурно најмногу од сè зависи само од тебе и од никој друг. Тоа значи и дека со тебе се може кога со други не се може. Зашто одат предалеку или стојат преблизу. Зашто не создаваат или не го вреднуваат создаденото.
Во златна средина се најчесто оние што се плашат и од горе и од долу.