46. Младост-Старост
Зошто младоста се избира како подобра од староста? Поради времето што се начекува, пречекува, навјасува, превјасува, или поради силата и енергијата што се трошат како никогаш да нема да се дотрошат?
По нешто од двете, а најнешто од трето: убавината и леснината на животот. Наспроти грдотијата, грубоста, суровоста и тежината на старите години.
Што помеѓу младоста и староста? Ништо и никому ништо!
А во секоја од нив? Од секого нешто, ама за никого сешто.
Што со младоста и староста? Секогаш доволно, никогаш премногу и никако со сметки од нив за пресметки без нив.
Колку време жално кога младоста ја отфрла или заборава староста, а староста не ја разбира и не ѝ верува на младоста!
Не е работата дали староста (си) ја признаваме или не пред оние што ни се противат или полесно (полетно) и побрзо чекорат напред во животот (ние неминовно назад), туку колку сме заедно со нив во опстојувањето.