2. Идност
Без мене идност како жар
Се прпелка во пепел
На штотуку угаснат оган
Од една до друга планина
Во долина на тишина
Која
Ту ги доближува
Ту ги оддалечува
Со расфрлани коски крв
И години од моето тело.
Идност загадочна
Идност неизвесна
Идност многуимена.
Жар се прпелка во пепел
На штотуку угаснат оган
Пред конечен замин
На нечија сенка
Долго време со мене
Од којзнае кога во мене
Како конечно да догледала
Цел
Без мене бесцелна.
Без мене бесцелна
Игра на мрак и светлина
Во миг самосвесен.
Жар се прпелка во пепел
Од небо паднат среде говор
На луѓе кои никако
Да разберат дека без нив
Нема пуста ни плодна земја.