ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 44

Потребно време за читање: < 1 минута

44. Сиромаштија-Беда

Од кого иде сиромаштијата? Најмалку од нас самите. Најмногу од нас сами иде бедата. Особено бедата на духот.

Колку се трпи сиромаштијата? Не станува збор за тоа дали малку или многу, туку колку според нејзината тежина. Па ќе речам дека колку е потешка, толку е потрпена, а колку е полесна, толку е понетрпена. Немам право?

Ај размислете мислејќи на ова:

Не сте биле сиромашни. Напротив, сè ви било достатно. Сте се навикнале на толку. Па почнало да недостига, да ви станува сè помалку. Прифаќате? Чекате да стане сè повеќе? 

Ај размислете мислејќи на ова:

Сте биле сиромашни, сè ви било малку. Тамам сте се научиле на толку, кога станало уште помалку. Се разбира, се трудите, запнувате да го запрете сè помалкуто. Ама со навиката и наученото тоа не ви паѓа многу тешко. Напротив, го согледувате и му се радувате макар на подзапреното.

А бедата? Особено бедата на духот? Е, таа…Тешко на сите нам со неа. И на оние со богат дух помеѓу нас, и на оние кои постојано си го богатат. Кога е толку голема, толку раширена…

И уште избираме да нè водат безлични и ептен бедни духови.