38. Туѓин
Туѓин доскитан
од којзнае каде
незнаен
ни од тишина ни од молк
ни од каков-годе звук
или знак
со испиено мразно лице
и молњи во зениците
бара праизвор жив
сè уште
сокриен меѓу стени
во врвови неискачени
во куп камења
со последни здивови
не за да го ослободи
од негово време надежно
не за да го брани
од невреме безнадежно
туку да го обгради
со огони до небо
да не може никој друг
освен он само своја жед
да угасне
насобрана во долги
освојувачки заслепувачки
скрвавени страсти
дојденец туѓин
кој намислил светот
да го менува со нов
со скротени ветришта
дека не може човек
да биде единствен
во мртва природа.