ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 57

Потребно време за читање: 2 минути

57. На раб на бездна

Одамна е на раб на бездна што го дели од догледлив жив свет, во кој се во бележито рамновесие живите, неживите објекти, процесите и природната средина. Дури некако наметливо, како затврден систем подеднакво применлив на сите и на сè. Бележито според однесувањето на живите, ритамот и облиците на објектите, остварувањето на процесите од почеток до крај и природната средина во која доминира чистота, негувани тревни и цветни површини, дрвореди и густи шуми со стари и млади дрвја.

Како и од кога стаса на раб на бездна? Не се прашува од каде. Едно дека она што било со него и од него веќе не е, а друго оти веќе ја осозна бесполезноста, па и штетноста на враќањето назад или преиспитувањето на стореното пред неизвесноста. А како и од кога се прашања од чии одговори зависат повторливоста, со едновремено надминување на причината или причините, како и времетраењето на стоењето што може да биде дури судбоносно за опстанокот или континуитетот на смислата на животот.

Како стаса на раб на бездна?

Претпоставено:

Со ту бавни ту забрзани чекори напред, постојано поттикнуван од надежноста сосе сомнежот, пренебрегнувајќи ги надворешните, особено страничните сили на принудност и обусловеност. Притоа е многу важно колку се чекорите стамени.

Конкретно:

Многу време создаваше дела. Додека речиси во миг не создаде едно кое најмногу го докажува неговиот нескротлив творечки дух и го препознава во светот на индивидуалните вредности. Што не се, ниту можат да бидат дел од некаков колективен идентитет. Во меѓувреме тој се обиде да го заштити како своевиден знак, дури печат, но откако го обзнани веќе не можеше го издели од општоста и заедништвото. Стаса без него на раб на бездна.

Од кога е?

Претпоставено:

Откога престана да се бори за себе и за блиските и познајниците против минливоста и маргиналноста на животното секојдневје. Не оти го прифати, туку затоа што и него речиси го совлада сè поголемата и сè постресна динамика на индивидуалното кариерно напредување. Поточно позицијата во општествената хиерархија. Се разбира и принадлежностите што ја следат.

Конкретно:            

И нему, како на сите други како него-творци на дела сè повеќе му се наметнуваа доволноста и недоволноста. Каде било и во што било. Долго им се опираше, не им дозволуваше да го поттикнуваат и насочуваат неговото постоење, па и опстанокот во материјалниот свет. Но, од ден на ден тие и него го совладуваа. Сè повеќе ја прифаќаше, дури се потчини на недоволноста. Тоа едновремено значеше дека и неговиот творечки дух, со доволноста од сè и со сè, сè повеќе отстапува пред конформизмот. Прифати дека тој, заедно со техничко-технолошкиот напредок на човештвото, станува, всушност веќе стана главна движечка сила кон напред. И стаса на раб на бездна.

Мора час поскоро да ја совлада бездната и да се најде на другата страна; во догледливиот жив свет, во кој се во бележито рамновесие живите, неживите објекти, процесите и природната средина. Бележито според однесувањето на живите, ритамот и облиците на објектите, остварувањето на процесите од почеток до крај и природната средина во која доминира чистота, негувани тревни и цветни површини, дрвореди и густи шуми со стари и млади дрвја. Како?

Решава, иако сè уште не е сигурен дека го избрал најсоодветниот, според него вистинскиот начин:

Да отстапи од работ на бездната чекор-два, па да продолжи со стамен чекор на своја врвица, наспоредна со неа. Се надева, може да се рече и верува дека до крајот на животот ќе стаса на нејзиниот почеток. Со негово изброено време.