13. Златна рипка која мигум станала обична
Еднаш една рипка била златна пред да биде фатена од непознат рибар. И тоа со обично црвче како мамец. Сè уште не е одгатнатно како можело да се случи тоа, ниту како престанала да биде златна откако се фатила на јадица. Поготово што ѝ се случило нејзе и на рибарот во моментот на фаќањето. Имено, дали фаќањето било толку ненадејно, просто шокантно, па таа ја изгубила златноста односно каратноста, притоа некои уште се прашуваат како е можно во тој трагичен момент како уште жива да се престори во обична, или, пак, рибарот за миг ослепел од нејзината златност, му се видела обична и…Да, да, сè уште не е одгатнато зошто тој ја фрлил назад, во реката, односно ја оставил да продолжи да живее и плива во неа како обична рипка. Прашањето со други зборови е зошто не ја ослободил од јадицата и не ја оставил во мрежата да поживее со другите фатени рипки, риби и рибишта. Следствено, додека не престане да рибари, додека си отиде дома и си направи рибина чорба или друго јадење со пржени односно печени риби.
Она што е познато, а за општо чудење, е фактот дека рибарот одамна, може да се рече откако се осамостоил како човек, немал ниедна неисполнета желба во животот, а камо ли три, Како што е познато од басната за рибарот, златната рипка и трите желби кои таа му ги исполнила за да ја пушти како златна назад, во реката; односно да ја остави жива, да си продолжи да плива и расте како сите риби на светот.
Она што исто така стана познато во меѓувреме, а е директно и индиректно поврзано со фаќањето мали и големи, ситни и крупни риби, со секакви мамци и на секакви јадици, е дека случката со рибарот и златната рипка, која ја изгубила златноста односно каратноста во моментот на фаќањето, се случила на непристапен дел од каменит брег, значи само нему познат и далеку од очите и ушите на другите рибари, со други зборови рибарева тајна, и во време кога реката била многу матна и брза.