Потребно време за читање: < 1 минута

10. Сонување и сон

Стариот слеп Гаврил ми вели уверливо дека ги знае, но не ги прифаќа научните проучувања и сознанија за сонувањето и сонот кога ги промислуваме меѓу стварен и заумен свет. Сосем се согласува со мене кога нагласувам дека сонувањето е повеќе во стварниот свет, особено сонувањето со отворени очи, а сонот сам по себе, без оглед што е, за што е, кој е во него, со кого е, е многу повеќе во заумниот. Ми го прифаќа без приговор аргументот за животот меѓу стварниот и заумниот свет, имено дека токму просторот и времето помеѓу нив се суштествени за опстанокот на човекот.

Со време стана обично, дури задолжително кога расправаме за што било, стариот слеп Гаврил да го има конечниот збор. И за сонувањето и сонот:

-Поважно е сонувањето од сонот. Знам на што алудираш кога го нагласуваш сонувањето со отворени очи, но тоа за мене е несуштествено. Според мене, суштествено за опстанокот на човекот меѓу стварниот и заумниот свет е сонувањето како процес на негово ослободување од најголемиот товар на секојдневноста и минливоста-материјалноста. Без тоа просто не е можно тој да биде меѓу тие два света, што значи да го изрази својот творечки дух едновремено со посветеноста на самодокажување. А што се однесува на сонот, јас предимство им давам на соништата, всушност е збор за трет свет, едновремено стварен и заумен; кој е најдобро да го именуваме со моментум. Во кој се случуваат и се испреплетуваат минатото и иднината во незаживеана сегашност.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 9

Стариот слеп Гаврил е апстрактен сликар.