9. Ништо
-Раскажи ми нешто за ништо,-ме изненадува и ме збунува.
-Што ништо?-потпрашувам.
-Избери. Знам дека знаеш оти има многу нешта за ништо. Ништо како нешто од ништо,-продолжува да ме збунува.
-А чие ништо?-барам да конкретизира.
-На пример, нешто за наше ништо,-возвраќа очекувано.
-Зарем има меѓу нас ништо?-јас подналутен.
-Се разбира дека има. Меѓу сите има ништо. И во секој од нас,-одговара убедливо.
-Зошто сакаш?-прашувам најпосле, пред да почнам.
-Затоа што си докажан раскажувач на што било. Доволно е само да откриеш, догледаш, согледаш, домислиш, допреш…Можеш ти и за ништо!-одговара убедливо.
– Добро, добро,-прифаќам смирувачки.
-Слушам.
Ги начули ушите.
Моментно се сеќавам:
-Досега меѓу нас имаше нешто како ништо, но од неодамна и тоа нешто стана ништо. Што беше? Беше дел од ништо.
-Се случи нешто во меѓувреме?-потпрашува по малку нестрпливо.
-Ништо не се случи. Како досега. И отсега нема да се случи ништо,-одговарам успокојувачки.
-Тоа не ми се допаѓа. Продолжи!-вознемирено, дури нервозно.
-Меѓутоа, бидејќи нема ништо во кое нешто нема, очекувано ненадејно се случува ништо во кое минатото и сегашноста сами од себе стануваат само еден ништожен миг. За ништото да биде исто. Тоа истовремено значи дека по него нема ништо,-раскажав.
-Не разбрав баш, ама продолжи,-инсистира.
-Ти раскажав. Нема продолжение,-велам рамнодушно.
-Не може да нема! Тоа што го раскажа не е ништо,-подвикнува.
Јас рамнодушно пред замолк:
-Па да, тоа е. Ништо за нешто по ништо.
-А љубов?-пак се обидува да ме изненади и да ме збуни.
Решително завршувам:
-Таа не се случува ни во ни по ништо. Затоа што не може да биде нешто за ништо.